Давид Бабунски е едно од најголемите засилувања за Вардар оваа сезона. Тој одлучи да се прикучи на најтрофејниот клуб и ја продолжи семејната традиција, бидејќи и неговиот татко, Бобан Бабунски, во минатото беше значајна фигура во клубот.
„Навистина ми е драго што сум дел од Вардар, клуб кој има посебно значење за моето семејство и дрес што мојот татко го носеше. Вардар е најголемиот клуб во земјава и ме радува што повторно чекори кон местото што му припаѓа. Работата оди во добра насока, среќен сум што сум дел од тој процес и се трудам да дадам максимум и да придонесам со нешто вредно во ова што се создава“, изјави Бабунски.
Во последното коло од есенскиот дел на првенството, Вардар ќе се соочи со Македонија ЃП, а со триумф ќе ја обезбеди и есенската титула, со оглед дека е на врвот со бод предност во однос на Струга Трим Лум.

