Фудбалерот на Манчестер сити и на белгиската репрезентација, Кевин де Бројне, сериозно размислува кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија бидејќи има понуда од Ал-Наср, објави таблоидот „Сан“.
Според „Сан“, Де Бројне е среќен во Манчестер сити, но наводно добил понуда што не се одбива и сериозно размислува да стане соиграч со Кристијано Роналдо и Садио Мане.
Фудбалерот кој моментно е надвор од терените поради повреда, има договор со Граѓаните до 2025 година, а сè уште не се започнати преговори за нов договор. Наводно, управата на Сити не сака да ја продолжи соработката бидејќи фудбалерот често се повредува и размислува да му дозволи идното лето да си замине од „Етихад“.
Де Бројне во Манчестер сити пристигна во 2015 година од Волфсбург, а претходно има настапувано за Генк, Вердер и Челзи. За Манчестер одигра 358 натпревари и постигна 96 гола, а со Граѓаните освои и 14 трофеи.