Де Хеа чека дете, до крајот на март нема да брани за Јунајтед

Давид де Хеа, првиот голман на Манчестер јунајтед, се врати во Шпанија за да биде покрај својата сопруга која треба да му роди дете. Поради тоа, шпанскиот голман до крајот на овој месец ќе отсуствува од клупските обврски и ќе пропушти до пет натпревари на Црвените ѓаволи.

Иако фудбалерите обично добиваат неколку слободни дена во вакви ситуации, Де Хеа порано замина за родната Шпанија бидејќи ќе мора да биде две недели во самоизолација со цел да биде присутен при пораѓањето.

Иако за шпанскиот чувар на мрежата ова е убава вест, за Јунајтед претставува голем проблем ако се знае дека за три дена следува градското дерби против лидерот Манчестер сити, а потоа на ред е дуелот против Милан во осминафиналето од Лигата на Европа. Де Хеа нема да брани ниту во реваншот против Росонерите, а дополнително ќе ги пропушти дуелите против Вест хем и Лестер во Премиер лигата.

Инаку Де Хеа и вчера не беше дел од екипата на Солскјер за гостувањето кај Кристал палас, кое заврши без голови, а меѓу диреците беше Дин Хендерсон, кој ќе биде редовен голман до крајот на овој месец.

- Оглас -

Најнови вести