Де Хеа си зеде одмор, англискиот репрезентативец што долго чека шанса ќе го замени на голот на Црвените ѓаволи

Дин Хендерсон конечно ќе добие шанса да брани за Манчестер јунајтед, а можно е да биде на голот на Црвените ѓаволи веќе за дербито во недела против Манчестер сити.

Шпанскиот голман Давид де Хеа ќе одмори и според информациите од таборот на Манчестер јунајтед, од приватни причини нема да брани до крајот на март, што е шанса за англискиот репрезентативец Хендерсон.

Дин бранеше одлично лани за Шефилд јунајтед, како позајмен голман од Манчестер јунајтед, па најтрофејниот англиски клуб одлучи да го врати во своите редови, но минутажата му е мала.

Вчера бранеше против Кристал палас, само четврти пат сезонава и тоа го стори одлично, без примен гол. Хендерсон има еден настап и за англиската репрезентација, а му треба континуитет за да конкурира за место во селекцијата на Гордиот Албион на Европското првенство што ќе се игра од 11 јуни до 11 јули.

Според англиските медиуми, Оле Гунар Солскјер му соопштил на Хендерсон да се подготви да биде прв голман на Манчестер јунајтед до крајот на март, до кога Де Хеа ќе биде отсутен од приватни причини.

 

- Оглас -

Најнови вести