Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, пред четвртфиналето на ЕВРО 2024 против Германија рече дека очекува изедначен меч.
„Ова можеше да биде и финале. Шансите се 50-50, очекувам да биде многу изедначено. Тимот што ќе направи помалку грешки, ќе победи на крај. Германија е одлична репрезентација, имаат многу стабилен, избалансиран тим и карактер. Тие се ривал за финале на Европско или Светско првенство“, рече Де ла Фуенте.
Враќањето на Тони Крос во германскиот национален тим придонесе за поголема стабилност и искуство плус.
„Крос е суперкласа и штета е што сака да го напушти фудбалот. Мислевме да му ги врземе нозете, но мислам дека УЕФА нема да ни дозволи, хахаха“, се пошегува шпанскиот селектор кој призна и дека ги прашал Дани Олмо и Алехандро Грималдо за некои „специфични аспекти“ на ривалот бидејќи играат во Бундеслигата и имаат информации.