Луис де ла Фуенте ја одведе Шпанија до титулата на ЕВРО 2024 откако неговиот тим ја победи Англија со 2-1 во финалето. Селекторот на Шпанците беше многу среќен по триумфот и ги истакна основните причини за успехот на „Ла Роха“.
„Не можам да чувствувам поголема среќа, гледајќи ги навивачите и играчите како се радуваат. Нашиот тим заслужено стана шампион на Европа и тоа ме прави исклучително горд. Се надевам дека овој импулс ќе ни помогне да се развиваме и да станеме подобри секој нареден ден”, изјави Де ла Фуенте.
„Секогаш треба да бараш повеќе од себе. Тоа е целта кон која стремиме. Голема предност на овој тим е што постојано размислува да напредува. Го освоивме трофејот бидејќи нашите фудбалери се пример за квалитет и вредна работа”, истакна шпанскиот селектор.
Тој откри и што им порачал на фудбалерите на полувремето, при резултат 0-0.
„На полувремето им реков на момците дека треба да покажат кои се и што можат да направат. Тие се најдобрите, да излезат и тоа да го покажат”, додаде предводникот на новиот европски шампион.