Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, повторно повика на радикални реформи во фудбалот, предлагајќи контроверзна идеја, да им се забрани на играчите постари од 23 години да настапуваат за своите национални селекции со цел да се намали бројот на натпревари во текот на сезоната.
„Европа мора да се промени затоа што моментот за тоа веќе дојде. Фудбалските раководители не сакаат промени бидејќи се плашат да не ги загубат своите комфорни позиции. Но, време е да се изменат правилата на играта и форматите на натпреварувањата“, изјави Де Лаурентис на настан во Вашингтон.
„Има премногу натпревари, а мислам дека фудбалерите повеќе не се способни да одиграат 50, 60 или 70 натпревари по сезона. Луѓето не сфаќаат дека треба да постои лимит за настапи во националниот тим. Штом играчот ќе наполни 23 години, не треба повеќе да игра за репрезентацијата – така ќе има простор за нови таленти“, додаде италијанскиот бизнисмен.
Тој исто така истакна дека прекумерното користење на искусни фудбалери носи ризик од повреди, што потоа негативно влијае и на клупските првенства.
„Кога играат фудбалери постари од 30 години и се повредуваат, тоа ги оштетува и клубовите, а првенствата губат на квалитет. Дополнително, клубовите не добиваат доволно високи компензации за репрезентативните настапи иако тие ги плаќаат играчите цела година. И тоа мора да се регулира“, нагласи Де Лаурентис.