Новиот менаџер на Тотенхем, Роберто Де Ѕерби, призна дека стравот од испаѓање може да претставува проблем за тимот, но и покрај поразот од 0-1 против Сандерленд во 32-то коло од Премиер лигата, тој останува оптимист.
Италијанецот го имаше својот прв натпревар на клупата на Тотенхем на „Стадионот на светлината“, а тимот влезе и го заврши натпреварот во зоната за испаѓање, откако Вест хем забележа очекувана победа над последнопласираниот Вулверхемптон.
Де Ѕерби не успеа да донесе промена на дебито, а Тотенхем доживеа уште еден удар во лошата сезона.
„Ако ме прашате мене, јас имам 46 години. Имам многу повеќе искуство од играчите и сум позитивен, апсолутно, затоа што ги познавам и како луѓе и како фудбалери. Затоа сум позитивен, не затоа што сме Тотенхем. Тие имаат доволно квалитет за да победат натпревар. Целта сега е да победиме еден натпревар, затоа што ако победиме, можеме да гледаме на сè поинаку“, изјави Де Ѕерби.
Тој додаде дека играчите страдаат поради ситуацијата, но дека мора да најдат енергија и правилен дух за да излезат од кризата.
„Не можеш да победиш на хартија, мора да победиш на терен, со квалитет и борба. Треба да дадеш гол и да не примиш. Но, тие се луѓе и страдаат, можеби и премногу. Мора да останеме заедно, да бидеме позитивни, да се подобриме во деталите и да работиме на менталитетот“, додаде тренерот на Тотенхем.

