22.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025

Нешто е труло во регионот: Дебакл на клубовите од екс-Ју во европските купови

Дури 12 клубови кои беа дел од некогашната Југославија испаднаа во второто квалификациско коло од Конференциската лига. Од сите елиминации, најголемо изненадување се испаѓањата на хрватскиот Осиек и на српскиот Раднички Ниш.

Осиек на свој терен загуби со 0:2 од казахстанскиот претставник Кизилжара, тим кој е на 12-тото место во домашното првенство. Раднички во Ниш на својот стадион „Чаир“ беше елиминиран од Гзира од Малта. Раднички трипати водеше, гостите израмнуваа и по 3:3 во 120 минути, на пенали фудбалерите од Малта беа попрецизни и се радуваа на крајот.

Испадна и Риека, и тоа од Ѓургарден. Швеѓаните на гости победија со 2:1, а синоќа на свој терен се радуваа со 2:0. Од Хрватска останаа само два претставника, и тоа Хајдук во квалификациите од Конференциската лига и Динамо Загреб во борба за место во Лигата на шампионите.

Србите го имаат Чукарички, кој помина понатаму, а Црвена ѕвезда и Партизан допрва треба да ја почнат европската приказна.

Босанскиот Вележ двапати загуби со по 1:0 од малтешкиот претставник Хамрун, а Тузла очекувано е елиминирана од АЗ Алкмар. Зрињски е единствен претставник од БиХ во европските купови.

Дебакл доживеаа и Словенците откако испаднаа Олимпија (од романски Сепси), Копер (од Вадуз, Лихтенштајн), како и Мура од ирскиот Сент Патрик. Марибор ќе ја брани честа на Словенија во третото квалификациско коло од Лигата на Европа.

Еден претставник во Европа има и Косово, и тоа Балкани, кој со убедливи 10:0 ја елиминираше Ла Фиорета од Сан Марино. Без ниту еден тим во Европа е Црна Гора, откако Будуќност испадна од Брејдаблик од Исланд, а Сутјеска испадна уште од Ки од Фарски Острови.

Честа на Македонија останаа да ја бранат Шкупи во квалификациите од Лигата на Европа и Шкендија, која обезбеди место во третото претколо од Конференциската лига.

- Оглас -

Најнови вести