Македонскиот првак Шкендија уште на стартот од квалификациите ги заврши настапите во Лигата на шампионите откако на гостувањето кај Мура загуби со убедливи 5:0. Ако на овој резултат се додаде и поразот во Скопје со 0:1, Шкендија уште во првото коло е елиминрана со вкупен резултат 0:6 од првакот на Словенија.
Пред реванш-мечот, играчите на Шкендија најавуваа дека ќе играат на победа, да се анулира негативата од првиот меч и дека ништо уште не е готово. Сепак, уште по првото полувреме на денешниот меч беше јасно дека Шкендија е за класа послаба од Мура.
Двата гола за словенечкиот првак во првото полувреме беа дело на Лука Бобичанец во 25-тата минута и 45-тата минута.
Дополнителен проблем за Шкендија беше и црвениот картон што го доби Кривак во 42-рата минута. Во второто полувреме Мура продолжи да напаѓа, па домаќините постигнаа уште три гола. Клепац во 55-тата минута погоди за 3:0, Коус беше прецизен за 4:0 во 64-тата минута, а конечниот резултат го постави Клепац со својот втор погодок во 87-мата минута.