Кога во кошаркарски натпревар од разигрување за 13-то до 16-то место на Европско првенство за играчи до 20 години ќе примите 75 поени во две четвртини (втората и третата), како што прими Македонија против Исланд, јасно е дека не може да се победи.
После денешниот пораз од 87-116 против врсниците од Исланд, У-20 тимот на Македонија ги загуби шансите за опстанок во елитата и следната година младите ќе играат во Б дивизија.
Ова беше наша најефикасна игра на ЕП, но и убедливо најлошо одиграна одбрана и најмногу примени поени, иако претходно Црвено-жолтите играа и против многу посилни тимови од Исланд кој ни даде 20 тројки.
Екипата на селекторот Боро Смилковски, на ова ЕП во Полска досега ги загуби сите натпревари, и сите со разлика поголема од 10 поени, што укажува дека оваа генерација е далеку зад најдобрите во Европа.