
Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз (7-1) од Велс во последниот квалификациски натпревар од циклусот за СП 2026. Хари Вилсон постигна хет-трик за Велшаните, а нашиот национален тим беше инфериорен во најголемиот тек од мечот.
Велс почна фуриозно од стартот, а Дејвид Брукс најави дека островјаните се заинтересирани да поведат што е можно побрзо. Во петтата минута, шутираше над гредата, но во 18.минута изнуди пенал, откако Стојчевски минимално стартуваше над него по проигрувањето од Даниел Џејмс.
Хари Вилсон беше успешен реализатор на најстрогата казна.
Три минути подоцна Бренан Џонсон претрча по левата страна, го проигра Брукс на пеналтикот, а тој зголеми на 2-0.
Но, Македонија експресно се врати во мечот. Во 23.минута, Дарко Велковски одлично го проигра Бојан Миовски кој влезе во шеснаесетникот и со прецизен удар ја затресе противничката мрежа.
Велс продолжи да напаѓа, Неко Вилијамс беше блиску до трет гол, но Столе Димитриевски одбрани, а и дирекот беше наш сојузник.
Сепак, во 37.минута, Бренан Џонсон упати проектил од 25 метри и погоди во горниот агол за 3-1.
Енис Барди се обиде од слободен удар во 42.минута, но Дарлоу беше внимателен и исфрли во корнер.
Во вториот дел, Барди имаше можност во 52.минута, но неговиот удар беше изблокиран, а на спротивната страна веднаш одговори Брукс. Сепак, Столе Димитриевски со одлична интервенција спаси нов погодок.
Велшаните во 57.минута изведоа маестрална акција, која во гол ја претвори Даниел Џејмс.
Доминацијата продолжи, а Хари Вилсон во 75.минута постигна прекрасен погодок од слободен удар, зголемувајќи на 5-1.
Во 81.минута, Хари Вилсон дојде и до хет-трик, откако реализираше уште еден пенал, по прекршокот што го направи Дарко Велковски.
Велс не застана и постигна уште еден погодок преку Нејтан Бродхед за конечни 7-1.

