Кенет Лофтон јуниор беше ѕвезда на последниот ден од регуларниот дел од сезоната во НБА-лигата. Кошаркарот кој беше избран за најдобар дебитант во развојната Џи-лига, сезонава е дел од тимот на Мемфис гризлис. Лофтон сезонава одигра 24 средби за Мемфис, а синоќа првпат беше стартер и блесна.
Дебелкото, како што го нарекуваат кошаркарот кој е висок 201 сантиметри, а тежок речиси 130 килограми, го одигра мечот на кариерата и на крајот заврши со 42 поени и 14 скока, со шут од поле од речиси 70 отсто.
До синоќешниот меч, Лофтон јуниор во просек играше едвај по три минути, и тоа најчесто кога е решен победникот, а во победата над Оклахома на теренот помина 40 минути и постигна 42 поени, покажувајќи дека има талент и знаење, само потребно е да му се даде повеќе шанса да биде на теренот.