Дебитираше за Србија и не сакаше да ја пее химната, па се најде на удар на јавноста

Србија синоќа со 4:1 ја победи Словенија во меч од Лигата на нации, а освен головите и играта на теренот, јавноста во соседството зборува и за еден момент кој се случи за време на интонирање на химните.

Во селекцијата на Србија синоќа дебитираше Ерхан Машовиќ, кој по потекло е од Нови Пазар. Токму Машовиќ беше единствен што не ја пееше химната „Боже правде“. Оваа одлука на Машовиќ да не ја пее химната наиде на негодување кај навивачите.

За разлика од Машовиќ кој е роден во Нови Пазар, а веќе 10 години живее во Белград и не ја пее химната, дел од навивачите потенцираа дека Јапонецот Кацухито Киноши кој е еден од помошниците во стручниот штаб на селекторот Драган Стојковиќ, ја пее химната на земјата во која што работи.

Машовиќ кариерата ја започна во младинскиот тим на Чукарички, а потоа има играно за Бриж, Тренчин и Хорсес, а сега го носи дресот на Бохум во Германија.

Ова не е прв пат репрезентативец на Србија да не ја пее националната химна. Пред десетина години, Адем Љајиќ кој исто така е од Нови Пазар, реши да не ја пее химната додека настапува за Србија, па тогашниот селектор Синиша Михајловиќ го исфрли од репрезентацијата.

- Оглас -

Најнови вести