Македонската фудбалска репрезентација во септемврискиот циклус од квалификациите за Светското првенство во Катар ќе одигра три меча. Ќе бидеме домаќини на Ерменија (2 септември) и Романија (8 септември), додека на гостински терен ќе играме кај Исланд на 5 септември.
Мечот против Ерменија ќе биде и деби за новиот селектор, Благоја Милевски, кој денеска го објави и списокот на фудбалери кои се повикани за трите натпревари.
Според најновите протоколи за заштита од корона-вирусот, на фудбалските мечеви е дозволено да има 50 отсто исполнетост, и тоа за навивачи кои имаат примено барем една доза од вакцините или имаат Сертификат дека во последните 45 дена го имаат прележано опасниот вирус. Тоа значи дека на арената „Тодор Проески“ максимум ќе може да има 16.000 навивачи.
Мечот меѓу Македонија и Ерменија ќе биде пресметка на двете првопласирани селекции во групата.