Кошаркарскиот тим на Црвена ѕвезда синоќа првпат во својата историја славеше на гостување кај Барселона, а клучниот кош за овој историски триумф беше тројка на Дејан Давидовац на 20 секунди до крајот, при нерешени 74-74.
По тројката на популарниот Деда, Ѕвезда поведе 77-74 и си го отвори патот до победата која беше потврдена со уште еден одбранет напад и кош од слободно фрлање на Недовиќ.
Интересно е дека Давидовац до пред таа решавачка тројка, немаше погодено ниту еден од од поле, четирите поени му беа од линијата за слободбни фрлања.
„Заслужено победивме. Кај сите нас имаше голема желба за победа, се боревме цел натпревар. Барселона е исклучителен тим, има одлични играчи, но ние некако успеавме да ги запреме“, изјави Давидовац за српските медиуми, а потоа потенцираше и колку му значи оваа погодена тројка.
„Можев да погодам и пред тоа, но најважната влезе. Мислам дека ова ми е најдрага тројка во кариерата, затоа што за прв пат ја победивме Барселона на нејзин терен“, додаде крилниот центар.
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) December 27, 2024