Воскреснувањето на Фабио Квалјарела во неговата 36-та година не остана незабележано. Стариот лисец минатата сезона ги решеташе мрежите во Серија А, па на крајот од сезоната заслужено беше прогласен за најдобар стрелец со 26 погодоци.
Тој учинок воопшто не е вообичаен, особено ако се знае дека Квалјарела игра во иста лига со Кристијано Роналдо. Поради неговиот придонес за Сампдорија, Манчини направи место за Квалјарела во италијанската репрезентација, а нема да биде изненадување ако остане со Аѕурите и за ЕП 2020.
Иако оваа сезона не е така убиствен пред противничките голови, Сампдорија му нуди нов договор на „дедо Фабио“ со кој би останал во тимот од Џенова до јуни 2021 година, а не до следното лето според актуелниот договор. Платата би му била еден милион евра годишно, плус 300.000 евра како бонус во зависност од неговиот учинок.
Квалјарела за Сампдорија запиша вкупно 182 настапи на кои постигна 76 погодоци, а утре ќе се соочи со Удинезе и македонскиот репрезентативец Илија Несторовски.