Дејан Станковиќ ќе биде новиот тренер на Црвена ѕвезда во продолжението од сезоната. Според информации на „Спорт клуб“, ова веќе е извесно на белградската „Маракана“.
Како што наведува истиот извор, одлуката за смена на Владан Милојевиќ е донесена уште пред натпреварот против Штурм, а ставот на клупското раководство не се променил и покрај тоа што актуелниот тренер оствари три последовни победи во Лигата на Европа и практично обезбеди пласман во нокаут-фазата.
Дејан Станковиќ моментно е во Белград, по отказот во Спартак Москва, а од Црвена ѕвезда добил повик дека клубот има потреба од него. По неуспешните преговори со Алберт Риера, челниците на српскиот шампион се насочиле кон домашно решение за тренерската позиција.
И покрај европските успеси, Владан Милојевиќ нема да ја задржи функцијата, а според последните информации, договорот ќе биде раскинат шест месеци пред истекот. Крајот на есенскиот дел од сезоната ќе означи и официјален прекин на соработката. Се очекува Дејан Станковиќ да биде промовиран веднаш по паузата и да се појави на првиот ден од зимските подготовки, закажани за 3 јануари.

