Македонскиот ракометен првак Вардар за два дена го очекува првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите против Веспрем. Вардар е во улога на аутсајдер, но тренерот Давид Дејвис вели дека Црвено-црните ќе се борат како и секогаш во елитното натпреварување.
„Веспрем е силна екипа, индивидуално и колективно се силни. Тие цела сезона беа на втора позиција. Веспрем од почетокот на сезоната беше горе, ние бевме по малку долу. Тие се фаворити, но Вардар секогаш се бори, особено кога игра на домашен терен“, рече Дејвис.
Еден од главните елементи ќе биде играта во одбраната.
„Мора да бидеме добри во одбрана, да им помогнеме на голманите. Во напад не смееме да ги губиме топките, со тоа можеме да победиме. Мора да бидеме перфектни цел натпревар. Мора да бидеме максимално фокусирани во текот на сите 60 минути“, вели Дејвис.
Дуелот се игра в четврток во „Јане Сандански“.