Раководството на Барселона е одлучно во намерата да го доведе Нико Вилијамс на „Камо ноу“ до крајот на летниот трансфер-период. Шпанскиот репрезентативец е главната цел на спортскиот директор на клубот, Деко, кој вчера тајно се сретнал со неговиот агентот Феликс Тајнта во Сарагоса.
Двете страни одржале состанок на кој ги договориле условите за идниот договор што Нико Вилијамс ќе го има со Барселона.
Каталонскиот гигант сега треба да отпочне преговори и со Атлетик Билбао за отштетата што ќе треба да ја плати за трансферот на Нико Вилијамс. Тој има клаузула во договорот со износ од 60 милиони евра, но Каталонците би сакале сумата да ја платат на три рати.
Нико Вилијамс стана апсолутен приоритет за Барселона по фантастичните игри во дресот на Шпанија на Европското првенство. Од друга страна, тој е и одличен пријател со новата млада ѕвезда на Барса, Ламин Јамал.