Еден од најдобрите италијански фудбалери на сите времиња, Алесандро дел Пјеро, без задршка зборуваше за состојбата во Италија.
Како што е познато, Италија по третпат по ред нема да настапи на Светско првенство, а последен пат кобна за Аѕурите беше Босна и Херцеговина, која ги совлада во Зеница.
Резултатот беше 4:1 по изведување пенали за избраниците на Сергеј Барбарез, кои на тој начин по вторпат во историјата обезбедија пласман на Мундијал.
„Бевме огромна сила. За жал, сега преовладуваат негативни чувства – тага, огорченост, разочарување и неверување. Првиот пат беше шок, вториот кошмар, а ова третото е веќе срамно и неоправдано“, изјави остро Дел Пјеро.
Тој повика на колективна одговорност и нова енергија за обнова.
„Секој од нас мора да почувствува желба да реагира и да почне одново – да се стави на располагање, да учи и да работи за да се решат проблемите, со ентузијазам кој мора да го најдеме во себе“, додаде тој.
Дел Пјеро смета дека Италија го изгубила она што некогаш ја правело посебна – идентитетот, локалната припадност и фудбалската традиција.
„Имавме силен локален фудбал, а сега ги изгубивме просторот и традицијата. Во други земји има повеќе идентитет во клубовите, како што е случај со Атлетик Билбао и Севиља во Шпанија. Ова е прашање на тимска работа – ни треба тим во сите сегменти и заедничка цел. Мора да направиме чекор назад и да си признаеме: ‘Веќе не сме најдобри, не сме ни втори ни трети’. Треба да ја тргнеме гордоста на страна и да покажеме понизност“, порача тој.
Дел Пјеро за италијанската репрезентација одигра 91 натпревар и постигна 27 гола. Во дресот на Аѕурите“ настапуваше од 1995 до 2008 година, а во 2006 ја освои светската титула.

