Возачот на Ферари Луис Хамилтон победи во квалификациите за спринг трката на патеката за Големата награда на Кина. Сеумкратниот светски првак брилираше во Шангај во квалификациите и до пол-позицијата стигна со време од 1:30.849 минута.
Хамилтон беше побрз од второпласираниот Макс Ферстапен од Ред Бул за само 18 илјадитинки од секундата. Трето најдобро време имаше возачот на Мекларен, Оскар Пјастри. Победникот на првата трка од сезоната, Ландо Норис разочара и имаше дури шесто најбрзо време.
По првата трка во Австралија, Хамилтон зборуваше дека е разочаран што болидот на Ферари заостанувал многу во однос на најголемите ривали, но сега е позитивно изненаден.
„Прво да се заблагодарам на публиката и да кажам дека не очекував ваков резултат. Многу, многу сум среќен и горд. очигледно дека првата трка беше катастрофална. Знаевме дека има уште брзина во овој болид која треба да ја извлечеме, но искрено во шок сум од резултатот“, рече Хамилтон.
LEWIS HAMILTON TAKES #F1SPRINT POLE 🤩
Wow! #F1 #ChineseGP pic.twitter.com/iPRaB1nHqg
— Formula 1 (@F1) March 21, 2025
Спринт трката ќе се вози утре рано наутро во четири часот по македонско време, а вкупно ќе има 19 круга. Главната трка за Големата награда на Кина ќе биде во недела наутро во 8 часот по македонско време.