Ѕвездата на Пари Сен Жермен и еден од најсериозните кандидати за Златната топка, Усман Дембеле, кој беше избран за најдобар играч во Лигата на шампионите минатата сезона, даде интервју за „Франс фудбал“ во кое откри некои интересни детали.
„Позициите на централен напаѓач и крилен играч не бараат ист напор. Кога сте пред голот, посвежи сте бидејќи обично играте во шеснаесетникот. Треба да елиминирате еден или двајца противници пред да шутирате или да додадете. Кога напаѓате на десното крило, левиот дефанзивец е против вас, еден од играчите за врска се враќа да го покрие својот 16-ник, а потоа на помош доаѓа и централниот дефанзивец. Ако стигнете до позиција за шут, обично шутирате високо над голот“, вели францускиот репрезентативец за разликата како е да се игра на крило и во шпицот.
Дембеле е крило, но годинава даде многу голови.
„Пред секој натпревар си велев дека ќе постигнам три гола. На крајот, добро е да се постигне и еден или два“, додава Дембеле, кој постигна 33 гола за ПСЖ.