Усман Дембеле е најверојатниот освојувач на Златната топка за 2025 година. Тоа станува јасно откако ПСЖ освои уште еден трофеј.
Најдобриот играч на ПСЖ даде придонес и во петтиот клупски трофеј сезонава и само ја засили својата кандидатура, која и онака беше силна, а тој и без победата вечерва важеше за главен фаворит за признанието кое го доделува францускиот магазин „Франс фудбал“ во соработка со УЕФА.
Лани победи Шпанецот Родриго и имаше многу контроверзии. Најрадикални беа од Реал Мадрид, кои не се ни појавија на свеченоста, а годинава најнезадоволни ќе бидат од Барселона бидејќи се чини дека нивните адути ќе останат без наградата. Сепак, тешко дека некој ќе може да каже дека Дембеле не заслужи, а во индивидуалните награди најчесто се гласа за најдобриот играч на најуспешниот тим.

