Херојот на Турција, Мирхан Демирал, при прославата на победата над Австрија (2-1) во осминафиналето на Европското првенство предизвика скандал откако со рацете кон публиката го покажуваше симболот на „сивите волци“. Се работи за паравоена организација која се бори за обединување на сите турски народи во една држава, од Балканот, па сè до Кина.
„Начинот на којшто го славев голот има врска со мојот турски идентитет, затоа го направив тој гест. Видов луѓе на стадионот кои го прават истиот гест, не постои никаква скриена порака. Сите ние сме Турци и горд сум што сум Турчин. Само сакав да покажам колку сум среќен, се надевам дека ќе имам повеќе прилики да го направам повторно тој гест“, рече стрелецот на двата гола за Турција, Мирхан Демирал.
Сега на потег е дисциплинската комисија на УЕФА, но според праксата на ова Европско првенство, Демирал ќе мине само со парична казна.