Демировиќ ќе го чести цел стадион за пласманот на БиХ на СП: „Штутгарт, пивото е од мене“

Победата на Босна и Херцеговина во плејофот за Светското првенство против Италија и пласманот на Мундијалот може навистина скапо да го чини напаѓачот на Штутгарт, Ермедин Демировиќ, откако ветил дека ќе ги чести пиво навивачите на својот клуб ако неговата репрезентација се пласира на турнирот.

Дваесет и осумгодишниот напаѓач го даде ова ветување пред почетокот на плејофот, кој заврши со триумф на неговата селекција по изведување пенали во Зеница.

„Реков дека ќе го направам тоа и го држам зборот. Пивото е на мој трошок“, изјави Демировиќ за „Скај спорт“, одговарајќи на прашањето дали ќе го исполни ветувањето.

„Веројатно ќе биде скапо, но го правам со задоволство по ваков успех. Штутгарт, пивото е на моја сметка“, истакна Демировиќ.

Босна и Херцеговина по вторпат во историјата ќе учествува на Светско првенство, каде што ќе игра во група заедно со кодомаќинот Канада, со Катар, како и со селекцијата на Швајцарија.

„Нереално чувство, немам зборови и го изгубив гласот. Навистина одигравме одлично и целосно заслужено одиме на Светското првенство. Сè уште не ми се верува во она што го постигнавме за нашата земја“, изјави фудбалерот.

Овој гест би можел Демировиќ да го чини околу 300.000 евра, со оглед дека стадионот на Штутгарт во просек собира околу 60.000 гледачи, а цената на пивото изнесува околу пет евра.

Штутгарт, кој се наоѓа на третото место во Бундеслигата, во сабота го пречекува второпласираниот тим на Борусија Дортмунд.

- Оглас -

Најнови вести