„Ден Д“ за неколку екипи од Лигата на шампионите: Некој оди во осминафинале, некој испаѓа!

Баерн, Бриж, Манчестер сити, Наполи и Реал Мадрид се петте тима кои сигурно одат во осминафинале во Лигата на шампионите, а вечерва уште неколку екипи може да им се придружат во топ 16 друштвото.

Бенфика, Челзи, Борусија Дортмунд, Лајпциг, ПСЖ и Салцбург имаат шанса по вечерашните дуели од петтото коло да обезбедат осминафинале.

Многу тимови се соочуваат со целосно испаѓање од Европа или преселба во Лигата на Европа, па сите мечеви се интересни и предизвикуваат внимание.

На пресметката Салцбург – Челзи ако победат гостите, ќе одат во осминафинале. На Сините од Лондон им одговара и нерешено ако Милан го победи Динамо во Загреб. Челзи може да си го обезбеди и првото место во групата ако победи, а Динамо не победи против Милан. Салцбург може да стане осминафиналист ако победи, а Милан да не победи. Модрите и Росонерите не можат да станат осминафиналисти вечерва и прво ќе се борат за избегнување на последното место.

Реал Мадрид, кој ќе игра без Бензема, Модриќ и Валверде, треба да избегне пораз во Лајпциг за сигурно прво место во својата група. Лајпциг ако победи, ќе чека и пораз на Шахтар од Селтик за место во осминафиналето. Украинците и Шкотите се борат за место во Лигата на Европа, а Шахтар останува со шанса да биде осминафиналист во ЛШ ако победи вечерва.

И Манчестер сити, како и Реал, треба да избегне пораз во Германија за обезбедено прво место. Борусија е пред тешка задача, треба да го победи Сити за да биде прва, а и со реми или пораз може да оди понатаму ако дуелот Севилја – Копенхаген заврши нерешено. Севилја мора да победи, но и да победи може да остане без осминафинале ако Борусија не загуби од Граѓаните. Победа на Копенхаген ќе значи целосна елиминација на Севилја од Европа, а пораз на Данците ги исфрла од европските купови.

Пари Сен Жермен игра дома со Макаби Хаифа и со победа оди во осминафинале, а ПСЖ дури и со реми може да биде осминафиналист ако Јувентус не ја совлада Бенфика. Лисабонските Орли со победа над Јуве сигурно одат понатаму, а и реми им одговара на Португалците доколку Макаби не победи во Париз.

- Оглас -

Најнови вести