Дојде денот кога ќе се игра најважниот натпревар во историјата на клупскиот фудбал во Аргентина, веќе нема одложување, нема тактизирање со соопштенија од клубовите и приказни за мали деца дека нема да се појават на терен. Никому не му се допаѓа што ќе се игра на 10.000 километри од Буенос Аирес, но така мораше да биде.
Ривер плејт и Бока јуниорс на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид ќе се борат за титулата првак на Јужна Америка. Првиот меч на 24 ноември заврши 2-2. Сега официјален домаќин е Ривер, но „милионерите“ не чувствуваат така, бидејќи на трибините ќе има навивачи и на ривалскиот тим.
Бока не го искористи домашниот терен, и сега ќе треба да се вади на неутрален. Одложувањето добро им дојде, бидејќи во меѓувреме оздраве Кристијан Павон. Ривер уште е без суспендираниот тренер Марсело Гаљардо, но тој ќе смее да биде на трибините и од ложата ќе комуницира со клупата.
Карлос Тевес е играч кој знае како е да се победи Ривер и тој е еден од адутите на Бока. Ќе го нема Фабра, а Павон кој почна да тренира, е неизвесен. На голот се враќа Андрада. Кај Ривер ќе ги нема Рафаел Боре и Николас де ла Крус, но тука се Скоко, Мора и Кинтеро.
На трибините на „Бернабеу“ ќе има 85.000 гледачи, атмосферата ќе биде пожестока отколку кога игра Реал Мадрид. Околу 4.000 полицајци се задолжени за редот и мирот во шпанската престолнина.
За кого ќе навива Лионел Меси, кој е фан на Њуелс олд бојс и нема играно за овие ривали? Никој не знае, можеби по едно полувреме за двата тима.