Ден за паметење – Скопје беше во транс, МЗТ пред 25 години го урна Кралот од Мадрид (Видео)

Мртва тишина имаше во старата сала во Аеродром, популарната „Лименка“ на три секунди до крајот на величенствениот меч меѓу МЗТ Скопје и сега веќе десеткратниот европски првак Реал Мадрид во прекрасната скопска ноќ на 6. ноември во 1996 година, или точно пред четврт век од денеска.

Перо Блажевски имаше мирна рака, не затрепери и погоди две слободни фрлања, а навивачите на МЗТ Скопје и сите љубители на кошарката полудеа од радост по една од најголемите клупски победи на македонски тим во историјата на нашиот спорт.

МЗТ Скопје го победи Реал Мадрид со 69:68 во меч од Еврокупот, а Блажевски го зададе клучниот удар за пад на Кралот во Скопје. Најтрофејниот клуб, сега со 10 европски титули, предводен од најтрофејниот европски тренер Жељко Обрадовиќ набрзина и во лутина си замина од главниот град на Македонија, а кај нас се славеше една победа за паметње, со подвиг што се случи на денешен ден во 1996 година.

Само за потсетување на период кој тогаш навестуваше блесок на македонската клупска кошарка е дека само еден ден претходно Работнички го победи славниот италијански тим Скаволини.

- Оглас -

Најнови вести