На два дена пред дербито со Шкендија, Вардар имаше ден за промоции и потписи на договори со тројца играчи.
По бразислкиот ас Хуан Фелипе, кој се врати во редовите на најтрофејниот клуб во Македонија, причина за радост имаат и тинејџерите Бојан Димоски и Џемаил Ибиши. Тие потпишаа први професионални договори со Вардар.
„Ми се исполни сонот да бидам дел од сениорскиот тим на Вардар. Тоа ми е желба уште кога дојдов пред две години тука од тимот на Тетекс. Добро работевме на подготовките во Турција, и се надевам дека ќе ја оправдам довербата кај стручниот штаб и дека ќе добивам шанса да настапувам. Се разбира дека целта во пролетниот дел е освојување на титулата“, изјави Димовски.
Ибиши пристигна во Вардар од скопски Металург, а 18-годишниот фудбалер заедно со Димоски беше на зимските подготовки во Аланија.
„Среќен сум што потпишав професионален договор со Вардар и што сум дел од овој тим. Не верував дека ова ќе се случи, но со напорна работа се е можно. Сега останува само напорно да тренирам и да се наметнам кај стручниот штаб. Верувам дека во пролетниот дел ќе ја освоиме титулата и ќе завршиме на првото место“, вели Ибиши.
Вардар го почнува пролетниот дел од шампионатот со големото дерби во Тетово, против лидерот и главен конкурент за титулата, Шкендија. Тој меч ќе се игра во недела од 14 часот.