Вечните скопски кошаркарски ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички попладнево од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одиграат 154-тиот меѓусебен дуел во сите натпреварувања, а, за жал, еден од ретките без присуство на публика. Трибините ќе бидат празни, па актерите на теренот ќе треба со своето загалање и игра да придонесат за дербито да личи на дерби.
Сезонава овие тимови одиграа два меча и двата беа неизвесни. Во „Градски парк“ на 1 ноември славеше Работнички со 94-90, а Металците се радуваа на 3 март во Сараево, каде што во АБА 2 лигата го победија ривалот со 84-82.
Денешниот дуел доаѓа во момент кога МЗТ има пеколен распоред, а има и играчи кои се повредени и недоволно подготвени поради разни причини. И Работнички не е комплетен. За Дарко Радуловиќ ова е прво дерби како тренер, но тој играл за МЗТ против Работнички и добро го знае значењето на дербито.
Бидејќи двата тима имаат по пет странци, тренерите ќе треба да одлучат кој еден да го остават на трибините и со кои четворица да играат. Денеска во првата лига се игра и натпреварот Еуро Никел – Куманово.
Директен пренос е предвиден на МРТ 3, а на интернет ќе може да се гледа мечот на овој линк на Youtube.