Управниот одбор на Барселона денеска ќе заседава и ќе треба да го потврди раскинот на договорот со тренерот Кике Сетјен, но ќе треба да се донесат и други важни персонални решенија. Отказ веројатно ќе добиe и спортскиот директор Ерик Абидал, а не е исклучено за нов тренер да биде наименуван Роналд Куман, актуелниот селектор на Холандија, кој е легенда на Барса и вчера беше снимен на аеродромот во главниот каталонски град.
Она што ги мачи фановите е како ќе реагира Лионел Меси. По дебаклот против Баерн, има многу најави дека Меси е разочаран и сака да си оди. Тој е на одмор со семејството и засега се крие од јавноста, не коментира ништо, веројатно чека разврска. Има шпекулации дека сака веднаш да си замине бидејќи наводно не сака да остане во клубот ако прв човек и понатаму биде Хосеп Марија Бартомеу.
Бартомеу нема намера да се повлече, изминатава година донесе неколку одлуки (го купи Гриезман наместо Нејмар, го смени тренерот Ернесто Валверде) кои не му се допаднаа на Меси, кој има договор само до 2021, па сега иако управата тврди дека Меси не побарал да биде продаден летово, многумина не се убедени во тоа.
Прашање е и како Меси ќе реагира ако за нов тренер не се донесе Чави, туку Куман, кој е фаворитот на Бартомеу. Куман е подготвен да го напушти селекторското место на нецела година пред ЕП само за да седне на жешката клупа на Барса.