Познатиот традиционален ракометен турнир во Струга годинава ќе го има своето 48-мо издание и ќе биде само со домашни суперлигашки екипи, а уште вечерва во првото коло може да се навести едниот финалист.
Во едната група се Вардар 1961, Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел, а во другата домаќинот Струга, Прилеп, Еурофарм Пелистер и Металург. Тимовите од Битола и скопската Автокоманда ќе се сретнат во вечерниот термин од 21.15 часот, па победникот од тој дуел ќе биде фаворит за пласман во финалето в недела.
Турнирот почнува со мечот Струга – Прилеп во 17.15 часот, по што следува свеченото отворање, а Бутел и Охрид од 19.30 играат како своевидна предигра на дербито Еурофарм Пелистер – Металург.
Турнирот на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ кај Женска плажа ќе се игра без публика и освен ракометарите, на средбата ќе можат да присуствуваат само официјалните лица и претставници на клубовите.
Рекордер според бројот на трофеи на турнирот е Вардар, кој има 12 титули, но последен пат во 2007 година. И Пелистер и Металург одамна чекаат на трофејот од овој турнир, па ќе се води интересна битка.