Македонската фудбалска репрезентација ги живее едни од најлошите денови во историјата и тоа е поради двата порази само во неколку дена, во квалификациите за Европското првенство 2024 година. Двата порази се посебно болни.
Прво загубивме од Украина со 2:3 во меч на арената „Тодор Проески“, на кој Македонија водеше со 2:0 до 60-тата минута. И со бодрење од над 15.000 навивачи, Македонија не успеа во последните 30 минути не само да ја задржи предноста, туку на крајот и загуби.
Поразот од Украина беше кошмарен, но најлошото допрва следуваше. На гостувањето во Англија, Македонија на „Олд Трафорд“ загуби рекордно. Историскиот пораз на крајот покажа 7:0 за Англија. По овој дебакл, Македонија само со тероретски шанси може да каже дека ќе се бори за пласман на ЕП 2024 година.
По дебаклот во Манчестер, единствено со реакција излезе селекторот Благоја Милевски, кој мораше да се појави на прес-конференцијата по мечот и на која изјави дека ѝ се извинува на нацијата, но не поднесува оставка.
И освен оваа изјава на Милевски, во ФФМ е апсолутен молк по дебаклот и историскиот пораз. За разлика од челниците на ФФМ, кои дури и да сакаат да споделат нешто на социјалната мрежа „Фејсбук“, нема да можат затоа што страницата им е хакирана два месеца, преку социјалните мрежи денеска се „јави“ поранешниот селектор Игор Ангеловски.
Популарниот Мрме потсети дека на денешен ден пред две години го имал последниот работен ден како селектор на националниот тим затоа што челниците на Федерацијата решија дека нема да му ја продолжат соработката, иако летото пред две години игравме на историското прво европско првенство.
Многумина се чудеа зошто Ангеловски си заминува, но се надеваа дека со доаѓањето на Милевски ќе биде уште подобро. За жал, резултатите во овие две години тоа не го покажаа.