Поминаа точно седум години од фамозното лизгање на легендарниот капитен на Ливерпул, Стивен Џерард, на дуелот против Челзи во Премиер лигата. Мечот кој уште долго по лошо ќе го памтат навивачите на Ливерпул, се одигра на „Енфилд роуд“.
На три кола до крајот, Ливерпул имаше три бода повеќе од Манчестер сити, а пет повеќе од Челзи. Фановите на Ливерпул сонуваа дека тоа е сезоната која ја чекаа цели 24 години. На Ливерпул доволно му беше и бод на свој терен за да остане во пол-позиција за титулата.
Сепак, се случи кошмар за сите домашни фанови на „Енфилд руод“. Се играше судиското продолжение на првото полувреме, кога капитенот Џерард се лизна, топката дојде до Демба Ба, кој погоди за водство на Челзи. До крајот на мечот домаќините не успеаја да се соземат од шокот и загубија со 0:2.
On this day in 2014, Anfield was the venue for one of the @premierleague's most infamous moments…pic.twitter.com/IGPrmZ0Cs8
— The Blizzard (@blzzrd) April 27, 2021
Во следното коло Ливерпул гостуваше кај Кристал палас и водеше со 3:0 до 79-тата минута, но домаќините одиграа сензационални 11 минути, во кои стигнаа до 3:3. Тоа значеше дека на Ливерпул дефинитивно му бега титулата во Премиер лигата.
На крајот, Манчестер сити стана првак, а Џерард никогаш не успеа да се израдува на шампионски трофеј во домашното првенство.