Денот кога Кралскиот клуб мораше да се поклони на Полјакот (Видео)

Роберт Левандонски сезонава блескаше во дресот на Баерн Минхен и до принудниот прекин на фудбалските возбудувања даде 39 гола во 33 меча во сите натпреварувања. Полскиот голгетер едноставно беше незадржлив и главен адут на германскиот гигант во трката за освојување на титулите во Бундеслигата и Лигата на шампиони.

Оваа форма на Левандовски не е случајна или повремена. Тој е играч кој веќе неколку години е во врвот на најдобрите стрелци и во кариерата има дадено над 450 погодоци. Во дресот на Баерн има одиграно вкупно 275 меча и постигнато 230 голови.

Пред да дојде во најтрофејниот германски клуб, Левандовски блесна во дресот на Борусија Дортмунд. Полјакот одигра четири добри сезони кај Милионерите, но посебно ќе се памти дуелот против Реал Мадрид на 24 април, во полуфиналето од Лигата на шампионите во 2013 година.

Реал беше фаворит за пласман во финалето, но Кралскиот клуб доживеа шок на гостувањето во Дортмунд. Левандовски беше незадржлив и даде четири гола во триумфот од 4:1. Полјакот погоди за водство на домаќините, а Кристијано Роналдо израмни за 1:1 на полувремето.

Во првите 20 минути од вториот дел, Левандовски одигра неверојатно и даде уште три гола, а на крајот Борусија стигна до победа од 4:1. Во реваншот Реал победи со 2:0, но тоа беше недоволно да се анулира негативата од првиот меч. Тој меч на Левандовски против Реал беше промоција на Полјакот и цел свет дозна за неговите неверојатни квалитети.

- Оглас -

Најнови вести