Денот кога плачеше кошаркарскиот свет – 26 години од смртта на Дражен Петровиќ

Помладите генерации не го памтат, но постарите и тоа како се сеќаваат на еден од најдобрите кошаркари во историјата, Дражен Петровиќ. Хрватот кој доминираше на европската сцена, замина во САД и таму за брзо време успеа да ги плени љубителите на НБА-лигата. Сепак, судбината сакаше Петровиќ прерано да си замине, без да го видиме неговиот цел талент и потенцијал. Загина во сообраќајна несреќа на 7 јуни 1993 година на автопат кај градчето Денкендорф, во близина на Инголштад во Германија.

Само еден ден пред несреќата, Петровиќ заедно со соиграчите од Хрватската репрезентација во Вроцлав (Полска), против Словенија, го играа последниот меч од квалификациите за Европското првенство во 1993 година. Никој не можеше да поверува дека тоа ќе биде и последен меч за Дражен.

КОБНА ОДЛУКА

По завршување на квалификациите, хрватската репрезентација замина во Франкфурт, каде што требаше со авион да дојдат до Загреб. Сепак, тогаш Дражен решил да оди кон Хрватска со автомобил, со својата девојка Клара и уште една девојка, турска кошаркарка.

Попладнето на 7 јуни 1993, црвениот „голф “во кој Петровиќ беше совозач се удри во камион. Камионот кој одел од спротивен правец, загубил контрола, се излизгал на патот и помнал на спротивната насока. Времето било магловито и видливоста слаба, па неговата девојка Клара Шаланци, која го возела голфот, не успеала навреме да го види камионот и директно се удрила во него. Дражен спиел во моментот на несреќата.

Истрагата покажала дека Клара возела со 160 километри на час, но таа не одговарала кривично бидејќи законот во Германија вели дека ако немало начин како да се избегне несреќата, тогаш нема одговорност. Лошата видливост и камионот кој поминал на спротивната лента се главни виновници за несреќата во која замина кошаркарскиот Моцарт.

РАЏА: ЛЕТАВМЕ ТОЧНО НАД ТОА МЕСТО КОГА СЕ СЛУЧИ НЕСРЕЌАТА

Соиграите на Дражен Петровиќ од хрватската репрезентација уште се сеќаваат на него. „Ние се враќавме од Варшава кон Франкфурт, а Дражен таму реши да се префрли во автомобилот на својата девојка и да продолжи по пат. Неверојатно е дека во тој момент кога се случила несреќата, нашиот авион поминуваше од таму. Пилотот објави дека мора да ги врземе појасите поради силните турбуленции. Под нас беа црни облаци. Неверојатно, но тоа е животот“, се присетува Дино Раџа.

ЗАГИНА НА ДЕНОТ КОГА МУ ИСТЕЧЕ И ЛИЧНАТА КАРТА

Велат дека од судбината нема бегање, а интересно е што Петровиќ загина точно на денот кога му истекуваше личната карта. На 7 јуни 1983 година ја добил личната карта со важност од 10 години. Точно една декада подоцна тој загина.

Дражен Петровиќ веќе 26 години е во легендите, но неговите потези, кошеви засекогаш остануваат да се паметат.

 

 

- Оглас -

Најнови вести