На Европското првенство 2020 е ден за одмор пред утрешниот старт на четвртфиналните возбудувања. Осум репрезентации останаа во трка за трофејот наменет за континенталниот владетел. Една од селекциите кои се во атак на златото е Шпанија, земјата која може да се пофали дека има направено подвиг што ниедна друга селекција не успеала.
На 1 јули 2012 година, Шпанија во финалето на ЕП убедливо со 4:0 ја победи Италија и вторпат во историјата се закити со златото. Црвената фурија на тој начин стана најдоминантната европска репрезентација во историјата затоа што успеа за шест години да освои две европски титули и една светска.
Доминацијата на Шпанија започна на Европското првенство 2008 година кога за прв пат стана европски првак. Во финалето, минимално со голот на Фернандо Торес, Шпанија ја победи Германија.
Две години подоцна, Црвената фурија блесна и на Светското првенство во Јужна Африка. Во финалето на Мундијалот, Шпанија дури по 120 минути игра, благодарение на голот на Андрес Иниеста, стигна до победа над Холандија и се искачи на светскиот трон.
Никогаш претходно се немаше случено една репрезентација да биде двапати по ред европски првак, а помеѓу тие две титули да стане и светски првак. Тоа на Шпанија ѝ успеа на 1 јули 2012 година, кога во финалето Шпанија ја победи Италија и го подигна третиот блескав трофеј само во шест години.
Претходно, ваков подвиг за малку ќе ѝ успееше на Германија, која беше европски првак во 1972 година, потоа стигна до светското злато во 1974 година, а во финалето на ЕП 1976 година загуби на пенали од Чехословачка.