Денеска се навршуваат точно 29 години од смртта на еден од најголемите возачи во Формула 1, Аиртон Сена. Трикратниот светски шампион загина за време на трката за Големата награда на Сан Марино на 1 мај 1994-та година.
Бразилецот со брзина од 300 километри на час на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола, се заби во заштитниот ѕид на кобниот свиок Тамбурело. Иако загина млад, Аиртон Сена живееше доволно долго за да стане еден од најголемите возачи во историјата на авто мото спортот.
Во кариерата извозе 161 трка, победи на 41 трка, имаше и 39 пласмани на подиумот, а освои три шампионскиот титули, сите со Мекларен. Беше одличен возач со голема харизма, роден победник со оригинално мото во светот на Формула 1, „Не сакав да победам во трката, туку во животот“.
Приказната за Сена започнува на 21 март 1960 година во Сао Паоло. Тој е роден во богато семејство кое уште на четиригодишна возраст му овозможи да влезе во најскапиот спорт во светот, автомобилизмот. Своето деби на трките го имаше на 13-годишна возраст во картинг и веднаш победи. Желбата за напредување го однесе во Англија каде за три сезони освои три титули во Формула 3, кои му ги отворија вратите за влез во Формула 1.
Негово деби во Формула 1 беше во 1984 година за екипата на Толеман кој во претходната сезона освои само девет бодови. Сена во првите пет трки, имаше две шести места и две откажувања и симболично на Имола не успеа да се квалификува. На шестата трка во сезоната, во Монте Карло, Сена покажа за каков возач станува збор и зашто прекарот му беше “Дождовен човек“. Трката во Монте Карло ја одбележа силниот дожд, а Сена стартуваше од 13-та позиција, дојде до првото место, но на крајот заврши како второпласиран бидејќи според правилата, при прекин на трката се гледаат резултатите од претпоследниот круг, а таму Сена беше зад Алан Прост.
Во Монте Карло стана јасно дека Сена е возач за големи работи, тоа го виде Лотус за плата од милион долари го ангажира во 1985 година. Со болидот на Лотус, дојде до првата победа, на трката за ГН на Португалија во Есторил, а со жолтиот болид оствари уште пет победи пред да дојде повикот од Мекларен. Со „црвено-белиот“ болид оствари 35 победи и освои три титули со што си го обезбеди местото меѓу легендите на овој спорт.
Неговите вештини беа далеку од конкуренцијата, а неговата страст, немерлива за ривалите. Како мал беше очаен возач на дожд и чекаше да заврне за да може со својот картинг да вози како би се усовршил. Механичарите не сакаа многу да работат со него, бидејќи беше перфекционист. Постојано ги „малтретираше“ со најситни детали кои би му овозможиле да биде најбрз на некој свиок или правец. Неговата генијалност ја видоа во Хонда кои го замолија да помогне во развојот на суперавтомобилот „NSX“.
Во 2009 година од страна на асоцијацијата на возачи во Ф1 е избран за најдобар возач во историјата на овој спорт.
По смртта Сена стана уште поголем во очите на фановите, обичните луѓе, отколку што беше додека беше жив. Бразилецот беше свесен за својата големина во Бразил и во светот, и огромен дел од своето богатство го даваше во хуманитарни цели, а голем акцент ставаше на образованието и на сиромашните. Дури по смртта се дозна дека донирал околу повеќе од 200 милиони долари во хуманитарни цели.
На неговиот погреб во Сан Паоло повеќе од три милиони луѓе излегоа да му дадат последна почит на големиот возач, шампион и човек. На неговото вечно почивачиште во Сан Паоло годишно доаѓаат повеќе обожаватели отколку на гробовите на Елвис Присли, Мерилин Монро и Џон Ф. Кенеди заедно.