Денвер го доби дербито против Клиперс, скромна партија за најдобриот играч на Западот за февруари (видео)

Денвер останува трн во око за Клиперс и по добиеното дерби ноќеска на гостувањето во Лос Анџелес со конечни 101:94. Нагетси сосема заслужено се радуваа во втората овосезонска пресметка меѓу ланските ривали од западното полуфинале откако ги натераа Клиперси од самиот почеток на средбата да бркаат двоцифрена разлика.

Никола Јокиќ како играч за февруари на Западот одигра скромна партија со учинок од 14 поени и по 7 скока и асистенции во речиси 36 минути на паркетот. Домаќините не најдоа начин да закрепнат од раната негатива откако лошо го отворија мечот и му дозволија на Денвер да направи серија од 20-9.

Се чинеше дека Ленард ја нема потребната поддршка од своите соиграчи, па се трудеше сам да извади нешто добро од дербито во кое запиша дабл-дабл учинок од 24 поени и 12 скока.

Џамал Мареј ја направи разликата на теренот, тој беше лидер на Денвер со 23 поени, а од редовите на Нагетс поефикасни од Јокиќ беа уште Портер со 20, Бартон со 19 и Гордон со идентични 14 поени. Со овој триумф Денвер му се доближи на Клиперс само на две победи разлика на табелата во Западната конференција.

Останати резултати НБА:

Кливленд 94:114 Филаделфија, Детроит 120:91 Вашингтон, Бруклин 111:89 Шарлот, Мајами 116:109 Голден стејт, Њу Орлеанс 110:115 Орландо, Сан Антонио 129:134 Атланта.

- Оглас -

Најнови вести