Денвер со „луд“ пресврт стигна до првата победа, Дончиќ шутираше како да е аматер (Видео)

Екипата на Денвер дури во третиот настап во новата сезона од НБА-лигата конечно стигна до првата победа. Во неизвесен меч на кој мораше да се игра и продолжение од пет минути, Нагетс победи со 127:125 на гостувањето кај Торонто.

Денвер цели 11 години немаше почнато сезона со три порази по ред, а да не биде така и сега, се погрижи Никола Јокиќ. Српскиот центар постигна 40 поени, а имаше и 10 скока, но голема заслуга за победата на Денвер има и Џемал Мареј, кој на 0,3 секунди до крајот на регуларниот дел постигна акробатски кош за продолжение. Мареј на крајот имаше 17 поени, девет скока и седум асистенции.

На 100 секунди до крајот, Торонто водеше со 112:104, но Денвер се врати и стигна до 114:114, а потоа во дополнителните пет минути гостите стигнаа и до триумф.

 

Мечот го одбележа и конфликтот кој се случи во последната четвртина, а во кој главните улоги беа за Расел Вестбрук, Скоти Барнс и Арон Гордон. Вестбрук го фаулира Барнс, кој сакаше да се тепа, а потоа во мешаницата се приклучи и Гордон. За среќа, останатите играчи беа смирени и не дозволија конфликтот да се претвори во сериозен инцидент.

За разлика од Јокиќ, втората балканска суперѕвезда, Лука Дончиќ, имаше лош меч, но неговиот Далас сепак победи, и тоа со 110:102 против Јута. Дончиќ беше со многу лош шут и погоди само една тројка, и тоа откако ги промаши првите осум шутеви од далечина, а на крајот неговиот шут од игра беше 5 од 22, што е само 22,7 отсто реализација и една од неговите најлоши шутерски претстави.

Во „отсуство“ на Дончиќ, Кајри Ирвинг беше прв стрелец кај Далас со 23 поени, а Клеј Томпсон додаде 18 поени.

Резултати: Орландо – Индијана 119:115, Атланта – Вашингтон 119:121, Бостон – Милвоки 119:108, Торонто – Денвер 125:127 по продолжение, Мајами – Детроит 106:98, Њујорк – Кливленд 104:110, Мемфис – Чикаго 123:126, Сан Антонио – Хјустон 101:106, Далас – Јута 110:102, Сакраменто – Портланд 111:98, Феникс – ЛА лејкерс 109:105.

- Оглас -

Најнови вести