Кошаркарите на Сакраменто кингс со 102:98 го совладаа шампионот Денвер нагетс и му го нанесоа третиот пораз во низа. Згора на тоа, ова беше втора победа за Сакраменто над Денвер во последните пет дена (135:106).
Ова беше петти пораз на Денвер пред своите гледачи сезонава, но и покрај тоа, шампионот остана тим со најдобар учинок на домашен терен во Западната конференција (21-5). Удел во поразот имаше и првата ѕвезда на Денвер, Никола Јокиќ, кој постигна само 15 поени и притоа ги промаши сите шест шута за три поени.
Сакраменто до победата го предводеше Деарон Фокс со 30 поени, а дури 15 даде во последната четвртина и беше предводник на серијата 8:0 на две минути пред крајот на мечот, со кои Кралевите отидоа на плус седум. Фокс во претходниот меч против Феникс даде 40 поени.
Вистински дебакл доживеа Бруклин нетс, кој загуби дури со 50 поени разлика (86:136) на гостувањето кај најдобриот тим на Истокот, Бостон селтикс. Бостон, кој ја оствари шестата победа по ред, дилемите околу победникот ги реши уште во првото полувреме кое го доби со 68:32. Пејтон Причардс со 28 и Дерик Вајт со 27 поени беа најдобри кај Бостон, кој сега има учинок 43-12.
Во победнички ритам е и Далас маверикс, кој исто така ја оствари шестата победа во низа. Последна жртва на Далас е Сан Антонио спарс, кој е совладан со 116:93. Кајри Ирвинг со 34 поени и Лука Дончиќ со 27 поени беа најдобри кај Далас, додека на спротивната страна, првиот избор на драфтот, Виктор Вембањама, даде 26 поени.
ЛА лејкерс со победата од 138:122 над Јута џез ја оствари третата победа по ред, а вториот тим од Лос Анџелес, Клиперси со 130:125 го победија Голден стејт вориорс.
Резултати: Шарлот – Атланта 122:99, Орландо – Њујорк 118:100, Филаделфија – Мајами 104:109, Бостон – Бруклин 136:86, Кливленд – Чикаго 108:105, Торонто – Индијана 125:127, Мемфис – Хјустон 121:113, Њу Орлеанс – Вашингтон 133:126, Далас – Сан Антонио 116:93, Денвер – Сакраменто 98:102, Феникс – Детроит 116:100, Јута – ЛА лејкерс 122:138, Голден стејт – ЛА клиперс 125:130.