Денвер нагетс го победи Мемфис гризлис со 136:119 и стигна до десетата победа во низа. Откако Јокиќ е во Денвер, клубот прв пат има ваква двоцифрена серија на победи. Нагетси беа фаворити и пред мечот, но се мачеа да го скршат отпорот на младиот и шутерски расположен тим на Мемфис. Гостите на полувреме водеа со 74:68, а дури во третата четвртина Денвер заигра како што посакуваше, па по водството на Мемфис од 78:70, домаќините со серија од 14:2, ја преземаа контролата на резултатот, а потоа стигнаа и до сигурна предност од 13 разлика (107:94) во пресрет на последните 12 минути.
Клупскиот рекорд по бројот на победи на Денвер е 15, што значи дека потребни се уште пет триумфи да се достигне тоа постигнување поставено во 2013 година. Во ерата на Јокиќ, Денвер три пати стигнувал до девет победи по ред, а сега прв пат успеа да стигне до двоцифрен број на триумфи. Токму Јокиќ повторно стигна до трипл-дабл со 14 поени, 16 скокови и 10 асистенции и тоа остварени за само 31 минута поминати на теренот. Со Јокиќ на теренот, Денвер имаше плус од 24 поени, а ова е 89 пат во кариерата да стигне до трипл-дабл пред да започне последната четвртина.
Дури осуммина кошаркари на Денвер постигнаа двоцифрен број на поени, а најефикасен беше Џемал Мареј со 26 поени, додека Камерон Џонсон додаде 18 поени. Сега Денвер има скор од 52 победи и 28 порази и е во обид да го задржи третото место на Западната конференција за кое уште се борат ЛА лејкерс и Хјустон рокетс.
Резултати од мечевите кои се одиграа ноќеска: Кливленд – Атланта 122:116, Детроит – Милвоки 137:111, Орландо – Минесота 132:120, Денвер – Мемфис 136:119, Сан Антонио – Портланд 112:101, ЛА клиперс – Оклахома 110:128, Феникс – Далас 112:107.

