16.8 C
Skopje
понеделник, 13 октомври 2025

Депај: Не гледам некој што е подобар од мене

Мемфис Депај зборуваше по победата на Холандија со 4-0 против Финска, при што го собори рекордот за најмногу асистенции. Покрај тоа, тој е и играчот со најмногу голови за Лалињата. Во однос на асистенциите, тој го надмина Весли Снајдер, кој го држеше рекордот до синоќа.

„Ова е нешто што секогаш го правам во последните години. За мене ова е едно од најважните нешта во фудбалот. Затоа сум напаѓач. Сè уште не сум завршил. Не гледам никој кој е подобар од мене на мојата позиција. Сè уште сум гладен. Весли е одличен играч, покажа прекрасни работи. Човек како него речиси и да не се гледа веќе“, објасни Депај.

Ова беше втора победа за Холандија со 4-0 во рок од три дена, откако на 9 октомври ја совладаа и Малта со истиот резултат. Така Портокаловите веќе се сигурни учесници барем во плејофот за пласман на Мундијалот во Северна Америка идната година, а исто така се на пол-позиција во трката за првото место, кое носи директен пласман.

„Мислам дека имавме добра недела. Победивме двапати со 4-0 и немавме проблеми. Не беа најсилните противници, но сепак мора да се обидеме да останеме концентрирани 90 минути и да не примаме голови. Можеби тоа се случи еднаш или двапати, но мислам дека сè повеќе се јасни работите. Исто така, за момците, играме заедно веќе подолго време. Сè уште можеме да учиме и да бидеме покомпактен тим“, објаснува Депај.

На последните два големи турнири, Мемфис Депај беше повреден. Светското првенство во 2022 започна за него со повреда, а на Европското првенство во 2024 се повреди во полуфиналето. Тој има намера да направи сè што е можно за да не се повреди повторно.

„Ова е нешто за кое можам да се погрижам – да бидам во форма за финалниот турнир од Светското првенство“, заврши Депај.

- Оглас -

Најнови вести