Дерби број 65 на старите скопски ривали Работнички и Вардар

Работнички и Вардар денеска од 14.30 часот на националната арена „Филип Втори“ ќе ја продолжат долгата традиција на меѓусебни дуели и по 65-ти пат ќе играат меѓусебе, овојпат во 24-тото коло од домашното првенство.

Бодовите се исклучително важни и за, условно кажано, домаќинот Работнички и за Вардар во битката за позиции кои гарантираат настап во европските купови.

Тренер на Работнички е поранешниот стратег на Вардар, Жикица Тасевски, кој има посебни мотиви против поранешниот клуб.

„Дуелите со Вардар секогаш се посебно возбудливи и ги инспирираат дополнително играчите на двете екипи. Бодовите ни се потребни, како и на Вардар, па очекувам неизвесен и тежок дуел. Секако, се надевам дека ќе ги освоиме бодовите“, вели Тасевски.

На спротивната страна е исто така млад и талентиран тренер, а Александар Васоски најавува дека сè освен победа е неуспех за најтрофејниот наш клуб.

„Вардар секогаш оди на победа, според реномето што го има во макфудбалот, само тој исход е добар за најтрофејниот македонски клуб. Очекувам тврд меч и можеби и решение со еден добар потег. Одиме на победа“, вели Васоски.

Во Скопје ќе се игра уште едно локално дерби, на „Чаир“ Шкупи ќе ѝ биде домаќин на Македонија Ѓорче Петров.

Во Тетово, Ренова ја пречекува Беласица, додека во Кратово кај Силекс гостин е актуелниот првак Шкендија. Победа и Академија Пандев ќе играат во термин што дополнително треба да се одреди.

 

- Оглас -

Најнови вести