Денеска треба да бидат познати полуфиналистите во Купот на Македонија, а интересно е дека на сите четири меча домаќините имаат поголеми шанси да се радуваат на победа.
Во дуелот на некогашните шампиони, Силекс во Кратово го пречекува Вардар. Кратовци играат одлично во Првата лига, а Вардар е лидер во Втората лига. Ако се види традицијата од последните шест меѓусебни дуели, Силекс има пет победи, додека Црвено-црните се радувале само еднаш. Домаќините се фаворити за победа, но се игра еден меч, па тоа сигурно ќе биде дополнителен мотив за најтрофејниот македонски клуб да направи изненадување во Кратово.
На стадионот во Чаир, Шкупи е домаќин на Шкендија, а интересно е дека овие два ривали на последните седум меѓусебни средби секогаш играле нерешено. Сега чаирчани се благи фаворити, но Шкендија сигурно ќе се обиде да стигне до следната фаза во Купот.
Македонија Ѓорче Петров е домаќин на Академија Пандев, а борба за полувреме ќе водат и Струга Трим-Лум и Брегалница Штип. Сите мечеви почнуваат од 13 часот.