Во индискиот град Колката (поранешна Калкута) има огромно фудбалско ривалство помеѓу клубовите Источен Бенгал и Мохун Баган, а речиси никој надвор од Индија и околината не знае за тоа дерби. Верувале или не, овие два градски ривали меѓусебе одиграле дури 366 натпревари, што е за 134 повеќе од пресметките на Ливерпул и Евертон.
Кога играат овие два тима во третиот град по големина во земјата со 1,3 милијарди жители, на трибините има и над 100 илјади луѓе, нешто што во Индија може да се види само на крикет меч. Во 1997 година на стадион имаше 130.000 навивачи и тоа е рекорд за еден спортски настан во Индија. Тогаш победи Источен Бенгал со 4-1, а три гола даде Баичунг Бутија, единствениот Индиец што заиграл во Англија.
Мохун Баган е формиран во 1889 година и важи за еден од најстарите клубови во Азија. Во 1911 тој стана прв индиски клуб кој триумфирал против европски противник (Ист Јоркшир). Таа победа беше многу важна и од политички аспект, во борбата за независност на Индија, па затоа датумот на победата, 29-ти јули, е празник.
Ривалството со Источен Бенгал почна во 1920 година, кога еден разочаран директор на Мохун го формираше Бенгал, земајќи со себе и еден играч од Мохун.
Луѓето кои се родени во Колката претежно навиваат за Мохун Баган (клубот има зелени-бордо дресови), а имигрантите претежно дојдени од Бангладеш се за Источен Бенгал (дресот им е црвено-жолт).
Кога се игра ова дерби, навивачките групи приредуваат шоу по улиците кои се затворени за сообраќај, а често има и инциденти. Победата во дербито е позначајна од титулата, позначајна од победите на репрезентацијата, велат навивачите.