Манчестер сити ја игра најдобрата сезона во клупската историја. Од досегашните 15 кола, „граѓаните“ имаат 13 победи и само две нерешени, без ниту еден пораз. Актуелниот првак на Англија, утре го очекува можебои и најгоемиот предизвик во досегашниот дел од сезоната. Избраниците на Пеп Гвардиола ќе гостуваат на „Стемфорд Бриџ“ кај Челзи.
Челзи претрпе два порази во последните три меча и заостана веќе 10 бода зад Сити. Доколку сака да ја врати неизвесноста, лондонскиот тим утре треба да го добие дербито против моментно најдобриот тим во Англија. Сепак, најавите кој доаѓаат од Лондон не се многу оптимистички. Тренерот на Челзи, Маурисио Сари вели дека едноставно нема идеја како да го победат Сити.
„Имаме сериозен проблем. Едноставно како да немаме идеја за тоа како да одиграме за да го победиме Сити. Против Гвардиола ги имам загубено сите мечеви кога сме излегле еден против друг на теренот. Ова е многу важен дуел за нас, против можеби и најдобриот тим во Европа. Против Фулам имавме среќа и ги освоивме трите бода, а потоа загубивме од Вулверхемптон. Затоа мораме да промениме нешто во играта и тактиката, инаку ќе биде лошо за нас“, рече Сари.
Челзи на домашен терен сезонава има пет победи и три нерешени без пораз со 17 дадени и седум примени голови. Сити на гости е со пет победи и две реми и само два примени голови досега.