Битола полека влегува во фудбалска еуфорија затоа што во среда (17 часот) гостува вечниот ривал и моментален лидер на табелата во Првата лига, тимот на Вардар. По овој повод беше одржана и прес-конференција, на која беше истакнат хуманитарниот сегмент на овој меч.
„Натпреварот Пелистер – Вардар ќе има хуманитарен карактер. Целиот приход од влезниците (по цена од 200 денари) ќе биде наменет за семејството на прерано починатиот Зоран Петковски. Од доаѓањето на оваа управа на клубот, сите средства во клупската каса се од спонзорски договори, продажба на билети, продажба на дресови. Целиот управен одбор на ФК Пелистер се вработени во Општина Битола и во ФК Пелистер работат без надомест”, изјави претседателот Александар Стефановски.
Новиот тренер Милан Стојановски верува дека Пелистер набрзо ќе бележи и подобри резултати.
„Пријатно сум изненаден од квалитетот на фудбалот во Првата македонска лига. Јас сум поборник на ВАР-системот и мислам дека може да му донесе само добро на македонскиот фудбал. Видов напредок во натпреварот против Тиквеш за разлика од претходно. Иако ни гостува лидерот Вардар, ние како на секој натпревар играме на победа“, истакна Милан Стојановски.
Капитенот Мирко Ивановски ги повика навивачите во голем број да ги исполнат трибините на стадионот „Петар Милошевски“.
„Во екипата не постојат поделби, кланови и проблеми. Нормални ситуации се некои реакции кога резултатите не ни се наклонети, но ве уверувам дека тимот е обединет. Гостувањето на Вардар мотивира, верувам дека гледачите ќе ни дадат поддршка и ќе дојдат во голем број и заради хуманиот аспект на натпреварот“, изјави Мирко Ивановски.

                                    