Италија сè уште е во шок по сензационалниот пораз и елиминација од Македонија во баражот за Светското првенство, а раните на Чизмата ќе се лечат со мегадербито во недела меѓу Јувентус и Интер.
Популарното Дерби на Италија е и во фокусот на 29-тото коло на Спортска прогноза, која се враќа со клупски фудбал по настапите на репрезентациите во квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар.
Второто големо дерби што прогнозерите треба прецизно да го погодат се игра на „Камп ноу“ меѓу Барселона и Севилја, а интересен е и германскиот меч меѓу Борусија Дортмунд и Лајпциг.
Има уште дузина натпревари на менито на Спортска прогноза, сите се од Топ-5 лигите каде што веќе почнува завршницата и битката за титулата, за опстанок и за настап во еврокуповите, што е вистински предизвик да се одигра 29-тото коло.
Време има доста за да се приклучите, а рокот е до сабота, кога почнува натпреварот во Серија А меѓу Специја и Венеција.